Македонија успеа, Мицкоски, Бачев и Груевски се поразени, може да се спремаат за нов пораз на кои било избори, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија по финалното гласање за промена на името и другите уставни измени, вечерва во Собранието.
„Засекогаш ќе остане запаметено: Мицкоски, Груевски, Бачев и Иванов работеа против граѓаните и против ЕУ и НАТО, но не успеаја. Победи сигурната иднина наспроти темното минато. Победи напредокот наспроти кочењето и блокадите. Победи вистинскиот патриотизам наспроти служењето за туѓи антизападни интереси. Граѓаните се гордеат со сите пратеници што го поддржаа членството во НАТО и ЕУ со заштитен и загарантиран македонски идентитет“, велат од СДСМ.
Во однос на барањето за вонредни парламентарни избори, кое вечерва го упати Мицкоски од партиското седиште, СДСМ посочи дека прашањето кога ќе има избори, не зависи од Мицкоски, туку од приоритетите на граѓаните и државата.
„Портпаролот на Бачев, Христијан Мицкоски, може да се спрема само за нов пораз на кои било избори. Антизападниот Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат поразени токму од граѓаните на следните парламентарни избори, без разлика кога тие ќе се одржат. Граѓаните нема да дозволат нов Иванов, ниту нов Груевски. ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот на Мицкоски и Груевски ќе се соочат со пораз на претседателските избори годинава“, додава СДСМ во партиското соопштение.