Поранешниот претседател на ПАСОК и поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Евангелос Венизелос смета дека грчкиот премиер ги направил неопходните чекори и има мнозинство во Парламентот и за ратификација на Договорот од Преспа и за доверба на Владата.
– Мислам дека господинот Ципрас беше многу циничен и многу јасен во неговото последно интервју. Очигледно е дека регулирал, направил контакти, го сторил т.н. „грабнување” на пратеници од Независни Грци, се приклучија и други пратеници од помалите партии, што се без традиција и без вредности, па така има мнозинство и за ратификација на договорот и мнозинство за гласање доверба, рекол поранешниот лидер на ПАСОК, во кусата изјава од Солун пред почетокот на промоцијата на неговата книга, пренесува АНА-МПА.
Венизелос додал дека она што го интересира Ципрас, „не е вистинскиот демократски легитимитет, вистинскиот однос со општеството, туку само да го продолжи останувањето на власт, што е на товар на перспективите за закрепнување на земјата”, јави дописничката на МИА од Атина.