Заев: Големата одлука на Парламентот е доказ дека македонската држава се движи кон светла иднина, но и обврска од денеска да работиме уште посилно

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска одржа прес-конференција по повод вчерашната одлука на пратениците во Собранието да ги изгласаат Уставните измени. Во своето обраќање Премиерот Заев истакна дека од вчера стана реалност генерацискиот сон на граѓаните на Република Македонија.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на Премиерот Заев:

„Вчера, на 11 јануари, нашата земја напиша историја. Генерацискиот сон станува стварност.

Со одлуката за измена на Уставот на нашата земја, започна спроведувањето на македонско-грчкиот Договор од Преспа за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија.

Пратениците во Собранието на Република Македонија, следејќи ги волјата и стратешките интереси на граѓаните, со двотретинско мнозинство овозможија да зачекориме низ отворените порти во најголемите западни сојузи на светот.

За овој историски момент сакам најискрено и најдиректно да им се заблагодарам на секоја пратеничка, на секој пратеник, за оваа голема и одговорна одлука.

Знам колку беше тешко да се направи тоа. Ја чувствувам и ја разбирам и горчината, но и гордоста на секој граѓанин од огромното мнозинство, за одлуката да се прифати овој исчекор за доброто и иднината на нашата земја и за нашиот народ.

Горчината ја оставаме во минатото и со гордост гледаме во иднината. Напишавме историја и ги отворивме новите, бели страници на нашата иднина. За испишување на новата реалност, новата перспектива на Република Северна Македонија, земја членка на европското и евро-атлантското семејство.

Ќе пристапиме кон двете најмоќни организации во светот – како полноправна членка, како независна и горда земја. Сега нашето пристапување во НАТО, кое веќе е во тек, ќе продолжи со зголемен интензитет и со јасен исход.

Го очекуваме и почетокот на преговорите за членство во Европската Унија.

Тоа е иднината којашто на сите наши граѓани им гарантира безбедна, стабилна, економски силна држава.

Гласот за спроведување на Договорот од Преспа, е одлука против изолацијата, против несигурноста и против сиромаштијата. Одлука што им дава сила на нашите млади генерации да се издигнат рамо до рамо со нивните европски врсници. Одлука со која ја градиме Македонија да биде земја која нашите и идните генерации ќе бидат горди да ја нарекуваат свој дом. Да ги споделуваат заедничките вредности и придобивки на отворен пазар на работни места, на отворените европски универзитети, на отворени фондови за поддршка на младите бизнисмени, научници, граѓански активисти.

Одлука за безбедна и спокојна иднина. Одлука со која нашата Република Северна Македонија станува глобална земја, еднаков партнер на меѓународната сцена – земја која е дел од демократскиот, напредниот и правичниот свет.

Почитувани граѓани,

После големата одлука во нашиот Парламент, ги разбивме сите дилеми и си потврдивме дека заедно ја движиме нашата земја во иднината што сите ја посакуваме: Македонска држава како држава на европското семејство и како членка на НАТО, кои не прифатија како Mакедонци, со свој идентитет и своја гордост, земја во чиј идентитет се вградени и идентитетите и на сите нејзини граѓани, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, и сите други коишто живеат во нашата Македонија.

Овие денови, заедно со нашиот пријател, Република Грција, ќе ги отфрлиме изолацијата и недоразбирањата, и заеднички ќе го потврдиме ова историско решение.

Убеден сум дека и пратениците во грчкиот парламент ќе ја препознаат и нивната голема улога во овој историски момент.

Силно верувам дека нашиот пријател Грција, ќе го ратификува Договорот од Преспа и ќе биде првата земја која ќе го потпише Протоколот за пристапување во НАТО и потоа ќе ги поведе и останатите 28 земји членки на Алијансата да го направат истото за да бидеме 30-та земја членка во НАТО.

Со решавањето на спорот со Грција, веќе немаме ниту едно отворено прашање со ниту еден сосед. Креиравме модел за решавање спорови за кој ги добивме сите признанија и симпатии на меѓународната заедница, од највидните светски лидери.

Бидејќи презедовме одговорност, и покажавме капацитети да решаваме, а не да одлагаме и да профитираме на штета на интересите на граѓаните и на стратешките цели на државата.

Заеднички ќе го почекаме исходот од гласањето во грчкиот Парламент.

Заедно ќе работиме дома и на помирувањето и на националното обединување. Тоа бара посветеност, одговорност и чисти односи. Белите страници на нашата иднина ќе ги пишуваме заеднички.

Почитувани граѓани на нашата земја,

Заедно со вас ја подготвивме почвата и засадивме семе. Но, секој земјоделец, секој работник знае дека тоа е само првиот чекор до плодна жетва и до резултатот. Затоа, уште од денес, ги здружуваме сите сили кон новиот економски и реформски поход. Сега треба работа дома, многу работа.

Шансата која ја создадовме сега е во нашите раце. Наша должност е, да го искористиме овој момент, да го обезбедиме до крај она за што се боревме: подобар живот за сите граѓани, подобри можности за нашите деца и земја со фер општество, поголем просперитет, растечка економија и подобри плати. Подобар здравствен систем, социјална правда и правен систем во кој ќе имаме доверба. Сега е време за таа промена.

Промената е неизбежна – затоа што граѓаните избраа иднина, просперитет, НАТО и Европска Унија.

Нема застанување, нема здивнување, сега е време за нов погон. Целото наше внимание сега го насочуваме кон домашните прашања.

Позитивните промени и подобрувања ќе доаѓаат ден за ден. Ова го очекувам од сите наши министри. Од сите наши градоначалници.

Нив и на сите одговорни поединци во јавната администрација им порачувам: Очекувам секој од вас да работи понапорно, поефикасно и пофокусирано. Имаме една заедничка цел: Да го направиме животот подобар за граѓаните на Македонија. Работете на тоа. Држете ги вашите тимови одговорни. Испорачајте. Граѓаните нема да прифатат било какви одолговлекувања, нема да прифатам ниту јас.

Уште од денес, влегуваме во сериозни економски и реформски иницијативи кои се високо на нашата агенда за 2019 година:

  • Да ги убедиме сите инвеститори кои досега се двоумеа, дека сега имаат безбедна земја партнер и пријателска средина за бизнис и за нови работни места за нашите граѓани; Многу инвеститори ја чекаа нашата одлука која ја донесовме вчера, за да донесат своја одлука.
  • Во 2019 година повторно ќе ја покачиме минималната плата, за да поттикнеме уште една спирала за дополнителен раст кај сите плати во државата.
  • Продолжуваме да ги враќаме парите кај граѓаните. Во 2019 година, граѓаните ќе почнат да добиваат поврат до 15% од ДДВ-то од купените производи или платените услуги. Тоа е најмалку плата плус за секое домаќинство.
  • И на сето тоа додадете евтина тарифа на струјата, укината радио-дифузна такса, помали казни, опомени пред казни, отпис на долгови, укинати извршителски трошоци, зголемена социјална помош за 300%. Ги враќаме парите кај граѓаните.
  • Ќе го намалиме оваа година данокот на добивка за информатика и информациони технологии од 10% на 3%. Македонија ја правиме дигитална зона за технологијата на иднината, со политики за поддршка за домашните ИТ компании и атракција за инвестиции на странските компании.
  • Ја градиме Македонија, градиме инфраструктура – за граѓаните да добијат подобри услуги, да се поврзат подобро и да живеат подобро.
  • Во 2019 година започнуваме со изградба на Клиничкиот центар во Скопје, започнуваме со изградба на новиот автопат Скопје – Блаце, и почнуваме со изградба на хидроелектраните Чебрен и Галиште, двата јавно – приватно партнерство – проект вреден повеќе од 800-тини милиони евра. Ова се историски проекти со кои овозможуваме економијата да функционира за секого.

Оваа година почнуваме и со големи инвестиции во обновливите извори на енергија. До 200 мегавати сончеви колектори на површина поголема од 300 хектари и до 50 мегавати ветерници и други инвестиции во обновливи извори на енергија.

Конечно, овој економски поход ќе даде вистински резултат само ако обезбедиме во Македонија да се работи чесно и одговорно. Македонија, граѓаните и политичарите, сите заедно мора да се спротивставиме на корупцијата.

Затоа, очекувам Собранието да ги донесе законските измени за Антикорупциската комисија, со кои конечно ќе добиеме силно независно регулаторно тело кое пркоси на секој еден функционер, поединец или организирана група кои имаат намера да стекнуваат корист врз грбот на граѓаните. Подготвени сме, барам вклученост од секој еден граѓанин во суштинска борба против повеќе-деценискиот проблем во ова наше општество.

Мои сограѓани,

Ова е заедничка акција со која ја правиме нашата татковина да биде праведна земја со растечка економија, дел од глобалниот западен свет.

Приклучете се, пружете помош во нашата заедница, во вашата заедница, побарајте од оној којшто има повеќе, дајте на оној што има помалку. Помогнете да изградиме солидарна Македонија. Бидете дел од оваа обнова на целиот државен и општествен систем кој режимот претходно целосно го уништи. Промената бара работа и верба, секој ден, од секој од нас.

Имам јасен апел и до опозицијата: Постојано повикувајте на нашата одговорност. Барајте од нас да го испорачаме тоа што сме го ветиле.

Но, заборавете на опструкциите. Тие не му носат никому, никакво добро. Не го попречувајте прогресот. Така само му нанесувате штети на народот, на нашата држава, но и себеси. Не можете повеќе да ја избегнувате вашата одговорност кон земјата.

Бидете дел од новите поглавја во македонската иднина. Ние политичарите сме тука, и кога сме на власт и кога сме во опозиција, исклучиво заради граѓаните, ним им служиме.

Затоа, сакам лично да се заблагодарам на секој граѓанин на нашата земја. За гордоста, за поддршката и довербата, за трпението и за учеството во оваа татковинска акција.

Им заблагодарувам на Македонците за големината со која го понесоа овој предизвик, а им благодарам и на Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други, за одговорноста и солидарноста со која настапија во овој чувствителен период. Сите ние заедно, веќе изградивме ЕДНО ЗАЕДНИЧКО ОПШТЕСТВО.

Да живее Македонија, да живее Република Северна Македонија!

 

Треба да знаете
Последни објави