ДУИ е против идејата за распишување предвремени парламентарни избори кои би можеле да се одржаат заедно со претседателските оваа година, изјави денеска на прес-конференција заменик претседателот на владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
„Денеска рејтинзите и партиските интереси покажуваат дека ДУИ доколу би имало избори утре, би имал многу подоби резултати него тие што ги имал во декември во 2016 година, меѓутоа остануваме на ставот дека прашањето за членство во НАТО и ЕУ треба да се заокружи“, изјави Османи.
Тој одговарајќи на новинраско прашање на денешната прес-конференција во Владата додаде дека сега е најважно да се фокусираат на заокружување на членството во НАТО, како и започнување на преговорите со ЕУ.
„Идејата зошто го потпишавме договорот од Преспа и зошто ги правиме уставните измени не беше да се реши само прашањето само по себе, туку за да се гарантира членството во НАТО и затоа сметам дека сега целата политичка енергија треба да ја фокусираме на заокружување на членството во НАТО и започнување на преговите со ЕУ оваа година, и се разбира имплементација на идејата 2019 година да биде година на економијата“, изјави Бујар Османи.