Партијата „Независни Грци“ нема да го поддржи гласањето доверба во грчкиот парламент, изјави лидерот на партијата Панос Каменос, кој претходно денеска соопшти дека ја напушта грчката влада.
Каменос поднесе оставка и од функцијата министер за одбрана по состанокот со Ципрас, пишуваат грчките медиуми.
Тој рече дека неговата партија ја повлекува поддршката за власта и се закани со исклучување од партијата на секој пратеник кој ќе гласа позитивно кога ќе се стави на тест довербата во владата на Ципрас.
Каменос вели дека давањето поддршка на гласањето, би значело поддршка и за преспанскиот договор. Тој порача дека народот треба да бара договорот за името да биде ставен на референдум.
Според весникот „Ефимерида“ сепак Каменос нема целосна контрола врз парламентарната група и се очекува дел од претставниците на партијата да го поддржат кабинетот.
Извори за весникот уверуваат дека владата на Ципрас веќе има обезбедено поддршка за да го добие гласањето доверба.