Ќе остане запишано дека 81 пратеник спротивно на волјата на граѓаните, противуставно, противзаконски на нелегален и на криминален начин го променија името и идентитетот на Република Македонија, вели ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„СДСМ и Заев насилнички по пат на уцени, закани и пазарења ја погазија волјата на граѓаните и го променија името на Република Македонија, иако македонскиот народ јасно на референдум порача дека е против промената на името и договорот. Аболицираниот криминалец Зоран Заев без ронка срам предвреме ја преименува сопствената татковина, иако договорот се уште не е стапен на сила. Заев кој се колнеше во своите предци и сопствените деца дека нема да го менува името на Република Македонија, сега прославува и се гордее што го променил името и идентитетот на сопствената земја“, подвлече опозициската партија.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека Владата за две години не сработила ништо и ја заковала државата на дното, редејќи порази на секое можно поле. Граѓаните стануваат се повеќе сиромашни, а криминалците од власта единствено ги шират своите сметки и бизниси, смета ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните повеќе не веруваат во лагите на Заев и СДСМ. Тие се уверија дека оваа власт дојде за една намена и за ништо друго не е способна освен да носи црнила и да ниже капитулации.
ВМРО-ДПМНЕ ќе стори се што е во негова моќ неправдата која Заев и СДСМ и ја нанесоа на државата да биде исправена. Затоа потребно е СДСМ и Заев веднаш да си заминат.
Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ бара распишување на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските на кои оваа криминална и црна власт ќе биде жестоко поразена. СДСМ и Заев ќе ја добијат казната за погазувањето на волјата на народот и за сите црнила кои и ги нанесоа на Република Македонија“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.