Францускиот претседател, Емануел Макрон утре ќе испрати писмо до Французите, во кое ќе ги повика на голема национална дебата за да се реши кризата со движењето „Жолти елеци”.
Кризата со „Жолтите елеци” веќе две месеци ја тресе владата на Франција.
Последните собири на Французите кои ја осудуваат даночната и социјална политика на владата, беа поголеми во однос на претходните недели. Околу 84.000 луѓе се собраа вчера ширум Франција, додека на претходните собири имаше околу 50.000 луѓе, но на вчерашните протести, како што посочија властите се забележани помалку насилства.
„Сигурен сум дека Макрон ќе најде зборови за да може да се обнови дијалогот во текот на дебатата”, изјави министерот за односи со Парламентот Марк Фесно.
Ваквата дебата францускиот претседател ја вети во месец декември минатата година, за да одговори на барањата на незадоволните граѓани.