Иако граѓаните на Република Македонија јасно порачаа дека се против промена на името и договорот од Преспа, сепак криминалната власт насилнички по пат на уцени и закани гo промени и името на државата како и идентитетот, јазикот, културата, историјата и традицијата, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека по речиси две години од владеењето на, како што истакнуваат, оваа црна власт, државата само тоне.
„Ја заковаа македонската економија на дното, корупцијата го достигнува својот зенит, здравството и образованието се уништени, земјоделците разочарани – буквално се тоне и уназадува, а растат само бизнисите и сметките на криминалниот картел предводен од аболицираниот Зоран Заев. Нема 500 евра просечна плата, нема 100.000 плата за лекарите, нема повисоки пензии, а нема ниту 600 километри нови патишта, нови болници, училишта, студентски домови градинки“, се наведува во партиската реакција.
Според ВМРО-ДПМНЕ граѓаните се уверени дека Македонија предводена од СДСМ и Заев само назадува.
„Токму затоа потребни се предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, на кои СДСМ ќе биде поразена и ќе замине на темната страна на историјата“, наведуваат од опозициската партија и додаваат дека СДСМ и Заев набрзо ќе ја добијат казната за сите црнила и зла.