Компанијата „Пацифик гес анд електрик”, најголемиот приватен снабдувач со гас и електрична енергија во Калифорнија, оди во стечај до крајот на месецот поради смртоносните пожари во ноември лани, јави „Си-Ен-Ен”.
Компанијата денеска соопшти дека планира да го информира судот дека ќе бара заштита од кредиторите во рамки на стечајната постапка. По ова акциите на компанијата паднаа за речиси 50 отсто.
Компанијата истакна дека има потреба од судска заштита од кредиторите за заштита на бизнисот и претстојните исплати на компензации поврзани со смртоносните шумски пожари кои во Калифорнија беснееја лани во ноември.
Целосната сума на барањата за компензација достигна 7 милијарди долари, но компанијата соопшти дека поседува само 1,5 милијади долари слободни средства.
Неодамна стана извесно дека „Пацифик гес анд електрик” е под истрага поради сомневања дека пожарот избувнал поради дефект на електро-мрежата на оваа компанија во планинските предели.
Всушност, и самата компанија призна дека кратко време пред да се случи пожарот, испратила пораки до своите клиенти (недалеку од зоната на огнот) за можни прекини во снабдувањето со електрична енергија поради проблем со далноводите.
Според некои искази, искрење на еден од далноводите е причината за предизвикување на шумскиот оган, кој потоа се прошири поради комплекс фактори како: климатските промени, сушата, силниот ветер, густата шума и грмушести растенија.