Вкупно 19.137 сообраќајни прекршоци биле откриени од полицијата во текот на минатата година во тетовско, информираа од СВР Тетово. Според полициските податоци оваа бројка е за околу 3000 повеќе во однос на 2017-та година.
Оттаму посочија дека поради констатирани различни видови прекршоци од сообраќај биле исклучени 1.353 возила и 2.630 возачи. Најголем број од исклучените возила или 968 имале истечена регистрација над 30 дена како и техничка неисправност во 238 наврати. Кај исклучените возачи 1.367 управувале без положен испит и валидна дозвола, а 952 возачи-почетници не се придржувале на законски предвидените ограничувања.
Овие откриени сообраќајни прекршоци лани биле заокружени со скоро 10 илјади мандатни и околу шест илјади прекршочни плaтни налози. Покрај тоа времено биле одземени 802 возачки и 566 сообраќајни дозволи како и 84 возила и 170 регистерски таблици.
Истовремено, од страна на стручни екипи на СВР Тетово во текот на минатата година биле спроведени 12 сообраќајни поуки со превентивно-предупредувачки карактер за подигнување на нивото на сообраќајната свест и култура и кај пешаците и кај возачите – прекршители.