Албанскиот претседател Илир Мета реагираше на веста што сам ја објави на Твитер премиерот Еди Рама дека ја презема и должноста шеф на албанската дипломатија, оценувајќи дека Претседателот на државата е доследен на својата работа.
– Претседателот е доследен на својата работа. За Претседателот на прво место е Уставот и почитувањето на законите. NO MORE FAKE STATE (Не повеќе лажна држава). Албанија на прво место, напиша Мета.
Претходно, Рама преку Твитер ја објави веста дека до назначувањето нов министер за Европа и надворешни работи ќе ја обавува оваа функција и му порача на Мета дека ќе се видат на Уставен суд.
– Претседателот Илир Мета не ја потпиша уредбата за назначување нов министер за Европа и надворешни работи, во уставниот рок. По последователното кршење на Уставот ќе се соочиме во новиот Уставен суд. До тој ден, што ќе биде набрзо, ќе бидам „де јуре” во оваа улога, бидејќи немаме време за губење по барање на Претседателот, напиша Рама на Твитер.
Претседателот Мета по доставениот предлог од Рама за реконструкција на Владата, со кој на местото на Дитмир Бушати го предлага Косовецот Гент Цакај, не ја потпиша уредбата со образложение дека Цакај нема потребно дипломатско искуство за оваа значајна функција и оти е човек кој ја поддржува идејата за промена на границите меѓу Косово и Србија.
Инаку, Албанија речиси една година нема Уставен суд, поради спроведувањето на проверката на потеклото на имотот, при што од девет членови, во судот се останати само двајца.