Министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерот на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска ќе учествуваат на Форумот на Централна и Источна Европа, кој по дваесет и четврти пат го организира „Еуромани“ во Виена, Австрија.
Министерот за финансии ќе земе учество на Министерскиот панел, на кој ќе учествуваат и министрите за финансии на Унгарија и Албанија, Габор Гион и Арбен Ахметај. Тој ќе зборува за краткорочните и долгорочните очекувања за македонската економија, инвестициите и очекувањата за кредитниот рејтинг.
Во рамки на форумот предвидени се дискусии за повеќе прашања, како трговската соработка меѓу земјите од Централна и Југоисточна Европа, економскиот раст, пазарот на капитал, иновациите во банкарството и други теми.
„Еуромани“ е еден од водечките настани од областа на финансиите во Европа. На него редовно присуствуваат повеќе од илјада учесници – министри за финансии, гувернери на централни банки, директори на финансиски институции и инвеститори. Форумот е насочен кон дискусија на најважните прашања за пазарите во Централна и Источна Европа.