Британската премиерка, Тереза Меј, планира пред парламентот да каже дека сега е многу поверојатно пратениците да го блокираат брегзит, отколку Велика Британија да ја напушти Европската унија без договор.
Собранието е во ќор-сокак околу тоа како да се постапи во врска со брегзит, најголемиот пресврт во надворешната и трговска политика на Велика Британија во повеќе од 40 години, а се очекува дека во вторник пратениците ќе гласаат против договорот на премиерката, со што напуштањето на ЕУ ќе стане уште понеизвесно.
Малцинската влада на Тереза Меј минатата недела двапати беше поразена во парламентот во однос на прашањето за Брегзит, а пратениците создадоа нова пречка за постигнување договор, принудувајќи ја Меј да вети дека ќе презентира план Б во рок од неколку дена, доколку нејзиниот договор биде одбиен.
Премиерката има намера да додаде дека верува оти е поверојатно членовите на парламентот да го блокираат брегзит отколку Британија да ја напушти ЕУ без договор, објавија од нејзината канцеларија.
Договорот на Меј го критикуваат од сите страни – и противници на ЕУ кои сметаат дека е можно почисто разидување, но и многу проевропски елементи во земјата кои сакаат уште еден референдум.
Весникот „Сандеј Тајмс“, повикувајќи се на висок владин извор, објави дека целта на бунтовните пратеници е да го блокираат или одложат брегзит.
Барајќи од пратениците да го поддржат договорот со ЕУ, Меј има намера да каже дека во пресрет на референдумот во 2016 година и нејзината конзервативна партија и опозициската лабуристичка партија јасно ставиле до знаење дека ќе ја спроведат волјата на Британците.