Кирил Лазаров беше прогласен за играч на мечот на пресметката меѓу Македонија и Бахреин која ова попладне се одигра во Минхен, а тоа дефинитивно не беше никакво изненадување со оглед на тоа што нашиот капитен постигна осум гола како лидер во втората победа во групната фаза.
Македонија стигна до посакуванта цел од две победи на првите два меча против аутсајдерите Јапонија и Бахреин, но наспроти ова, навистина позитивно е тоа што денеска најискусните и најдобрите играчи во нашиот тим во последните 15 минути добија поштеда поради поволниот резултат.
Тоа секако може да биде голем плус на утрешниот меч во кој ќе се соочиме со фаворизираната Хрватска, а според капитенот Лазаров, позитивно може да биде и тоа што Хрватите денеска допрва треба да играат со Јапонците кои ќе ги принудат да трчаат во текот на сите 60 минути.
– Позадоволен сум од првиот меч, Бахреин беше понезгоден од Јапонија, а добро е што одморивме во последните 15-тина минути. Како и секогаш, имавме осцилации, имавме добри и лоши моменти. Започнавме одлично како и на првиот меч, но потоа имавме голем пад и му дозволивме на Бахреин да направи 5:0. Тоа се работи што загрижуваат и што прават да не знаеме што да очекуваме од нас кога ќе дојдат натпревари на повисоко ниво. Позитивно е тоа што ние кои играме цело време, денеска одигравме 40 минути и одморивме на крајот, – порача Лазаров кој потоа се насочи кон мечот со Хрватска.
На првите два меча докажавме дека сме класа над Јапонија и Бахреин. Имаме голем испит, треба да влеземе без притисок, со тоа што фаворитската улога ја предаваме на Хрватите. Ќе се бориме, изненадувања се можни во ракометот. Наш плус е тоа што Хрватите допрва треба да играат, допрва ќе треба да трчаат со Јапонците кои нас не изнатрчаа. Позитивни сме, има добра атмосфера во тимот и ќе видиме како ќе одговориме. Го гледавме мечот меѓу Хрватска и Исланд, веќе кажав дека Исланд ме изненади, одиграа крајно квалитетен и добар ракомет. Немаше да биде незаслужено и ако ја победеа Хрватска, па јасно е дека пред нас се многу тврди и неизвесни натпревари, – прогнозира Лазаров.