Руски медиум за Македонија: Во февруари НАТО и Скопје ќе го потпишат протоколот за влез
Собранието на Република Македонија ја поддржа промената на името на државата во Република Северна Македонија, со што се отвораат и нејзините врати на патот кон НАТО и ЕУ, пишува московскиот весник „Комерсант“.
Меѓутоа весникот додава и дека сега се појавија проблеми во грчкиот Парламент, кој исто така треба да го ратификува македонско-грчкиот договор, бидејќи од владејачката коалиција излегоа пратениците од партијата Независни Грци.
„Усвојувањето на уставните измени во Парламентот, значи не само што ќе го ратификуваат договорот со Грција и новото име на државата, пратениците во суштина го отоврија патот на Републиката кон НАТО и ЕУ. Минатото лето, Алијансата ја повика Македонија во своите редови, а Европската унија е подготвена да ги започне преговорите за членство во средината на оваа година – во двата случаи, со услов да се спроведе договор со Грција “, пишува весникот.
„Комерсант“ додава дека неименуван европски дипломатски извор од Балканот потврдил дека веќе во февруари, НАТО има намера да го потпише со Скопје протокол за влез и дека по ратификацијата, Македонија ќе стане 30-та земја членка.
„Не е изненадувачки што донесувањето на уставните измени беше поздравено од страна на НАТО, ЕУ и САД, нарекувајќи го настанот историски. Руското Министерство за надворешни работи тој процесот, претходно го нарече ‘валкана манипулација’, изјавувајќи дека потребните гласови во Собранието на Република Македонија беа обезбедени со уцена, закани и поткуп на пратениците од опозицијата”, пишува весникот.
Весникот оценува дека прифаќањето на уставните измени може да има уште една последица, важна не само за Македонија, и додаде дека мислењето на регионалните експерти, тоа може да влијае на давање на автокефалноста на Македонската Православна Црква.
Весникот, исто така, вели дека повеќето балкански експерти се убедени дека Западот ќе го поддржи договорот со Македонија во грчкиот Парламент.