Австралија опен: Ѓоковиќ лесно, Раониќ на одмор го испрати Киријос

Новак Ѓоковиќ со лесна победа стартуваше на Австралија опен. Првиот носител го совлада Мичел Кругер од САД со 3:0 (6/3, 6/2, 6/2). Во второто коло се пласира и Милош Раониќ, кој во дербито на првата рунда го победи Ник Кирјос.

Кругер одлично го отвори дуелот со Ѓоковиќ, направи брејк во третиот гем и од тој момент Србинот ја почна својата доминација. До крајот на мечот Американецот освои само пет гема.

Во второто коло Ѓоковиќ ќе има сериозен предизвик во Жо-Вилфред Цонга. Овие двајца пред 11 години играа во финалето на Австралија опен, кое заврши со победа на Ѓоковиќ.

Канаѓанецот Раониќ ѝ приреди големо разочарување на домашната публика кога го совлада Ник Кирјос со 6/4, 7/6, 6/4. Во меч со малку шанси за брејк пресуден за конечниот исход беше десеттиот гем од првиот сет кога Раониќ успеа да ја искористи третата брејк, која беше и сет-топка.

Во втората рунда Раониќ повторно ќе игра дерби. Негов противник ќе биде поранешниот шампион Стен Вавринка. Швајцарецот речиси без борба избори пласман во второто коло. Нему во вториот сет мечот му го предаде Ернест Гулбис.

Треба да знаете
Последни објави