Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, им порача на ВМРО-ДПМНЕ да бидат први кои ќе го применат Законот за употреба на јазиците, кој утринава беше објавен во Службен весник. Тој рече дека името на својата партија ВМРО-ДПМНЕ треба да го напише и на албански јазик пред своето седиште.
На прес конференција во Собранието, Груби рече дека Законот за јазици од денеска стапува на сила и дека институциите веднаш треба да се придружуваат и да ги применат законските одредби. За разлика од претходното законско решение, рече дека новото предвидува формирање на Инспекторат кој ќе ја контролира примената на Законот.
-Сите институции во земјава мораат да го почитуваат Законот. Нелегитимниот претседател во заминување има уште два месеци во неговата канцеларија. Да појаснам, тој има законска обврска да го потпише само прогласот на законот, додека самиот закон се потпишува од претседателот на Собранието. Објавата на законот заедно со законот за ратификација на договор со Грција е целосно согласно законите. Сметаме дека Иванов и ВМРО-ДПМНЕ треба да се надминат и да бидат први кои ќе напишат ВМРО-ДПМНЕ пред нивното седиште и на албански јазик, рече Груби.