Петр Чех ќе се пензионира на крајот од сезоната

Легендарниот чешки голман Петр Чех денеска објави дека има намера да се пензионира на крајот од сезоната. Тој ќе ја заврши кариерата како голман на Арсенал, откако претходно 11 години го носеше дресот на градскиот ривал Челзи.

 

„Играв 15 години во Премиер лигата и го освоив секој можен трофеј, па затоа мислам дека постигнав сѐ што сакав да постигнам“, изјави чешкиот голман.

Петр Чех беше дел од најдобрата генерација на Челзи, која доминираше со англискиот, па и европскиот фудбал во 2000-тите и 2010-тите. Врвот на кариерата го достигна во 2012 година, кога Челзи го направи изненадувањето на сезоната и стигна до трофејот од Лигата на шампионите, а во текот на целата шампионска кампања тој беше клучен за успесите на неговиот тим.

„Ова е мојата 20-та сезона како професионалец и одбележувам 20 години откако го потпишав првиот професионален договор, така што ова изгледа како идеалниот момент за да го најавам пензионирањето од професионалниот фудбал“, додаде Чех.

Тој пристигна во Англија од францускиот клуб Рен во 2004 година и со Челзи освои 13 трофеи, од кои четири од Премиер лигата. Покрај сите клупски успеси, Чех и понатаму го држи клупскиот рекорд за најмногу натпревари без примен гол, со 228 такви натпревари. Откако се пресели во Арсенал успеа да го освои ФА купот во 2017 година.

Треба да знаете
Последни објави