Македонците лани испиле флаширана вода, обична и минерална во вредност од над 5 милиони евра. Според податоците до кои дојде 24 инфо, во 2018 година увезени биле 1.335 пратки со минерална вода или 22.518 тони. Експертите велат дека лежиме на вода и имаме доволно речни сливови. Тука се и три големи слатководни езера, па според нив, не е тешко да се заклучи дека парите се фрлаат во ветер. Вода за пиење секојдневно добиваме од градските водоводи, а сепак најголем дел од нас даваат голем дел од домашниот буџет за пакувана увозна вода.
Според последните истражувања кои се правени во земјава лесно може да станеме извозник на вода за пиење во регионот и пошироко. Но и покрај овие податоци само лани сме дале 5 милиони евра за увоз на странска минерална вода
Добрите познавачи на состојбите велат дека зголемениот увоз на вода од година во година се должи на менување на навиките на населението, кое повеќе купува увозен отколку домашен производ. Според нив, не треба да се занемарат и извозните стимулации кои ги даваат странците за да производот ги помине нивните граници и договорите за слободна трговија кои дозволуваат непречен влез на стоки во земјава.
Безбедна вода
Во Агенцијата за храна велат дека изминатата година на македонскиот пазар увезени 1.335 пратки на вода со 22.518,807,569 килограми. Во 2017 година увезени 1.147 пратки со минерална вода со количина од 20.720,063,074 килограми.
Статистиката вели дека увозот е реализиран од земјите на поранешна Југославија, но и од земјите на Европската унија.
– Наспроти увезените количини минерална вода лани, во 2013 година на домашниот пазар увезени биле приближно поголем број на пратки. За потрошувачите е битно дека на пазарот се продава исклучиво безбедна вода од домашно производство и од увоз- децидни се во Агенцијата за храна.
Според нив, операторите со храна вклучително и оние кои произведуваат и пакуваат вода имаат законска обврска да вршат редовни контроли на безбедноста и квалитетот на минералните води кои ги произведуваат со вршење на лабораториски испитувања.
– Операторот мора да добие одобрение за продажба од наша страна. Услов за негово добивање е доставување на резултати од извршени лабораториски испитувања за безбедност и квалитет на минералната вода и за тоа се води Регистар на одобрени води. Со одобрението се потврдува безбедноста на минералната вода која, а тоа претставува услов за ставање на истата во промет- велат во Агенцијата.
Потрошувачот на прво место
Експертите велат дека имаме доволно извори да ги задоволиме потребите на домашниот пазар. Но сепак увозот не можеме ниту пак смееме да го забраните. За дел од нив увозот на вода е чиста глупост. Но спак граѓаните треба да одлучат дали ќе пијатвода од шише или од водовод. За нив Македонија има голема предност со природните богатства која во иднина може да вреди повеќе од чисто злато.
– Имаме вода за пиење во наредните неколку векови. Но сметам дека проблем е лошото искористување. Кај нас со вода за пиење се полеваат градини, се мијат автомобили, и истата вода се користи во таолетите. Ова скапо може да ги чини идните генерации- велат професорите од Факултетот за земјоделство и храна.
Според Светската здравствена организација, на секој од нас му е потребен пристап до вода за пиење, готвење и лична хигиена. Таа препорачува 7,5 литри на жител дневно која ќе ги исполни барањата поврзани со исхрана, а околу 20 литри на жител дневно која ќе ги задоволи основните хигиенски потреби. Според истиот извор урбаното сиромашно население плаќа 50 пати повеќе за литар вода за разлика од нивните побогати соседи најчесто заради тоа што тие мораат да ја купуваат водата од приватни продавачи.
Колку водата е потребна за индустријата?
Глобалната побарувачка на вода за производство се очекува да се зголеми за 400 отсто до 2050 година. Главни потрошувачи ќе бидат земјите во развој. На голем број компании главна цел е да ја намалат потрошувачката на вода а со тоа да придонесат за заштита на животната средина.
Секој произведен производ бара вода. Пример за да се произведе еден лист хартија потребни се 10 литри вода, за 500 грама пластика се потребни 91 литар вода. Многу интересен е фактот дека преку храната внесуваме многу повеќе вода одколку што мислиме. За производство на: 100 грама чоколадо потребно е 2.400 литри, за маслинки потребни се 250 литри, за пилешко месо пак 615 литри.
Штедете вода
Само еден процент од од целата вода на земјата може да се користи од страна на луѓето. Останатата вода е солена вода во морињата и океаните, или е трајно замрзната и не може да се пие ниту пак да се користи за хигиенски потреби или за наводнување. Климатските промени имаат негативно влијание врз свежите извори на вода. Природните непогоди се неизбежни, како што се сурови суши, обилни врнежи и поплави кои ги уништуваат изворите со вода за пиење. Кога имаме врнежи капките дожд додека паѓаат се контаминираат со тешките метали, физички и хемиски штетните агенси кои се во воздухот и така контаминирани паѓаат на копното. На овој начин се врши и контаминација на слатките води кои нам ни се основен извор за питка вода.
Валентина Ангеловска