Екстремната десничарска група „Пегида“ организира антиисламски протести пред џамија во Холандија.
Протестот се одржа пред џамијата „Аби Бакр Исидик“, која е често посетувана од страна на мароканската заедница во Утрехт, централна Холандија. За време на протестот членовите на „Пегида“ одржаа говор и пуштија филм кој го навредува исламот.
Властите презедоа строги мерки на безбедност и околу џамијата се поставени високи барикади, како и поголем број полиција во околината.
По демонстрациите на „Пегида“, зад барикадите настанаа судири меѓу локалното население и безбедносните сили по што полицијата уапси две лица.
Џамал Хури, прес-секретарот на џамијата, изјави дека „Пегида“ намерно предизвикува провокации.
„Иако тие намерно ја избраа оваа локација за провокации, администрацијата на џамијата, како и локалната заедница, решија комплетно да го игнорираат настанот“.
„Ова е најдобриот одговор што може да им го дадеме. Бидејќи вниманието насочено кон нив им оди во прилог“, вели Хури.