Реал Мадрид повторно оствари разочарувачки резултат на едно гостување, но овојпат имаше среќа што стануваше збор за реванш натпревар во Купот на кој пристигна со добра предност од првиот меч на „Сантијаго Бернабеу“.
Сантијаго Солари по крајот на мечот призна дека е разочаран од играта на тимот на гостувањето кај Леганес, тим кој со минимални 1:0 го победи фаворитот во возвратниот меч во осминафиналето на Копа дел Реј. Солари го искористи овој натпревар за да им даде шанса на дел од играчите кои не се секогаш во стартната постава, меѓу кои и Иско кој повторно не успеа да брилјира пред очите на тренерот кој очигледно воопшто не верува во него.
Аргентинскиот стручњак го извади Иско од игра во 68-та минута, а реакцијата на двајцата при извршувањето на измената е најдобар доказ дека владее одредена нетрпеливост и дека односот меѓу нив двајца не е баш најидеален. Двајцата не се ни погледнаа во дадената ситуација, а дефинитивно позагрижен треба да биде Иско бидејќи ова беше една од ретките шанси кои ги доби во стартната постава.