Жена стара 92 години, која ги измамила белгиските даночни власти за неколку милиони евра, преку избегнување да плаќа даноци со децении, со одлука на судот е поштедена од затвор, но мора да плати над четири милиони евра како казна за неплатените даноци.
Старицата, која во медиумите е именувана само како Бети В. и која обвинителството ја прогласило за „манијакална“ кога станува збор за располагање со пари, добила помилување од Апелациониот суд во Гент за затворска казна од шест месеци, но судот ѝ ја потврдил условната казна од 16 месеци и обврската да плати 600.000 евра казна, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Судот, исто така, ја зголемил за 50 проценти сумата која старицата мора да ѝ ја врати на државата, така што истата сега изнесува 3,7 милиони евра.
Бети В., како што тврдат обвинителите, 40 години го криела своето богатство во Панама и други земји. Измамата излегла на виделина преку информации од швајцарските банки.
Нејзиниот 62-годишен син, кој бил вклучен во оваа измама, исто така е поштеден од затвор, откако судот во жалбена постапка го осудил на условна казна од осум месеци, информира британската агенцијата.