Девет Невладини организации, денеска преку соопштение, повикаа на политичка одговорност за бегството на Никола Груевски.
Тие потсетија дека побарале истрагите итно да завршат и дека Основното јавно обвинителство најавило дека предистражната постапка ќе заврши во рок од две недели и дека јавноста ќе биде информирана, што не се случило.
НВО сметаат дека е неопходно да се преземе политичка одговорност односно да следуваат оставки од министерот за внатрешни работи, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и директорот на Агенцијата за разузнавање.
– Понесувањето политичка одговорност за случајот со бегството на Груевски е единствениот начин власта да покаже дека има сериозна намера да се бори против културата на неказнивост, која – да не заборавиме – беше главна карактеристика на поранешната власт особено кога стануваше збор за највисоките функционери, се наведува во соопштението на невладините организации.