Изборот на универзален снабдувач со електрина енергија ќе заврши многу порано отколку што е планирано со Законот за јавни набавки, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.
-Јас сум еден од членовите на комисијата која работи на евалуација на понудите. Во текот на наредната недела ќе се знае кога ќе почне аукцијата и кога ќе заврши целиот процес. Ќе заврши многу порано од рокот од 80-тина дена што беше определен по објавувањето на понудите на 13 декември минатата година. Верувам дека кон крајот на овој или на почетокот на следниот месец ќе има и аукција на која двете компании ЕВН Снабдување и ЕЛЕМ Трејд ќе можат да дадат соодветни понуди, изјави Бислимовски.
Тој прецизира дека на аукцијата ќе се стартува од најниската понуда од 14,4 проценти што првично ја даде ЕВН Снабдување.
Претседателот на РКЕ посочи дека засега нема голема заинтересираност од снабдувачите за понуди за домаќинствата иако целосната либерализација на пазарот на електрична енергија започна од 1 јануари годинава.
-Снабдувачите се уште не покажуваат интерес за домаќинствата, но основна причина за тоа е зголемувањето на цените на регионалниот пазар на електрична енергија. Имајќи во предвид дека домаќинствата во овој момент имаат цена од 73 до 74 евра за мегават час додека на слободниот пазр како и на регионалниот пазар само набавната цена без вклучување на мрежарините е околу 70-тина евра, апсолутно нема интерес кај снабдувачите да нудат нешто што од напред се знае дека би било далеку поскапо. Се надевам дека со паѓањето на цените на пазарите, особено на регионалниот пазар, снабдувачите ќе покажат интереси да понудат пакети за домаќинствата, рече Бислимовски.
Посочи дека снабдувачите генерално во моментов се насочени кон комерцијалните потрошувачи каде, како што кажа, реално ќе има намалување на нивните трошоци за електрична енергија.
-Компаниите покажуваат интерес за излез на слободниот пазар, но дури во февруари или март ќе може да го видиме портфолиото на снабдувачите дали им е зголемено. Нашите очекувања се дека ќе биде зголемено, посочи Бислимовски.
Очекува во текот на следниот месец да заврши изработката на Студијата во МАНУ за снабдување со топлинска енергија, што, потенцира, ќе се искористи како основа за изработка на новите правила за снабдување со топлинска енергија што ќе бидат донесени веднаш потоа.
-Корисниците кои редовно ги плаќаат своите сметки на ниту еден начин нема да бидат оштетени со новите правила за снабдување со електрина енергија, бидејќи не е фер коректните потрошувачи да го поднесат товарот за оние кои што биле исклучени од системот. Како и да решиме за исклучените потрошувачи, тоа нема да биде на товар на останатите потрошувачи, потенцира Бислимовски.