Спасителите веќе шести ден се обидуваат да го пронајдат двегодишното момче кое падна во дупка во јужна Шпанија.
За време на семејна прошетка, тој падна во дупка длабока над 100 метри и широка само 25 сантиметри, пишува Би-би-си.
На местото на несреќата се собраа многу луѓе кои им даваат поддршка на родителите на малиот Џулен, а спасувачите работат и дење и ноќе.
Со оглед на фактот дека момчето падна во дупката пред шест дена, на 13 јануари, прашање е дали сè уште е жив, но родителите и спасувачите не губат надеж.
Таткото, Хозе Росело, рече дека нему и на неговата сопруга им се „скршени срцата” поради долгото чекање.
„Се чувствувам како да спасувањето трае неколку месеци. Ние нема да се откажеме. (…) Ние веруваме дека ангелот ќе ни помогне и дека ќе го најдеме жив нашиот син”, им рече Росело на новинарите.
Владиниот претставник Марија Гамез рече дека спасувачите ја споредиле ДНК од влакното на косата на Џулен кое го најдоа во дупката со ДНК од шише од кое пиеше, што им е потврда на спасувачите дека момчето е на дното на бунарот.
Но, детето се наоѓа премногу длабоко за машините и опремата на спасителите, а поради стврднатата почва и камењата што паднале кога момчето пропаднало во дупката работници не можат да видат повеќе од 70 метри длабочина.
На таа длабочина забележале една мала кеса лижалки.
Спасувачите почнаа да копаат два тунели во четвртокот, еден паралелно со дупката и другиот вертикален. Тие очекуваат да имаат пристап до најдлабокиот дел од дупката во рок од 24 до 48 часа.
Родителите неодамна доживеаја уште една страшна трагедија, пред две години нивниот втор син, тригодишниот Оливер, почина од проблеми со срцето.