Тренерот на Милан Џенаро Гатузо е суспендиран на еден натпревар поради агресивно однесување на натпреварот од Суперкупот на Италија против Јувентус што се одигра завчера.
Фудбалскиот сојуз на Италија заклучи дека Гатузо упатувал закани кон судиите кон крајот на натпреварот кој Милан го изгуби од Јувентус со резултат од 1:0 и остана без трофеј.
Тренерот на „росонерите“ исто така протестираше поради одлуките и со викање му се обрати на судијата со навредливи зборови пред свеченото доделување на трофејот.
Истата казна ја доби и фудбалерот Франк Кеси кој доби црвен картон на натпреварот.
Суспендиран е и неговиот соиграч Алесио Ромањоли и играчот на Јувентус Миралем Пијаниќ поради акумулирани жолти картони.
Гатузо, Кеси и Ромањоли ќе го пропуштат следниот натпревар на Милан, кога тимот ќе игра против Џенова во понеделник, во рамките на Серија А, а Пијаниќ нема да може да настапува за Јувентус на гостувањето кај Киево.
Гатузо реагираше агресивно и по враќањето во Милано каде му го фрли на земја телефонот на новинар кој го снимаше.