Жозе Мурињо кој што неодамна доби отказ од Манчестер Јунајтед, моментално одмара и се подготвува за новиот предизвик во неговата кариера.
Португалецот проговори за својата кариера и според него, најсилниот тим кој што го водел бил италијански Интер.
Интер под водство на Жозе Мурињо во 2010-та година ја освои историската „Триплета“, односно „Нераѕурите“ ги обединија титулите од Серија А, Италијанскиот куп и Лигата на шампионите, нешто што досега не му успеало на ниту еден друг италијански клуб.
„Интер беше најсилниот тим, затоа што освоивме се. Треба да бидам објективен. Со Интер освоивме се од почетокот до крајот. Го победивме тогашниот најдобар тим на светот Барселона со 3:1, а потоа во финалето славевме и против Баерн Минхен. Ја освоивме титулата во Италија со фантастичен број на бодови, како и Купот. Победивме во три финалиња во рок од 10 дена“, изјави Мурињо.