Залудни се обидите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ преку неосновани кривични пријави да го блокираат напредокот на државата, велат од СДСМ како реакција на прес-конференцијата на Игор Јанушев, кој соопшти дека партијата денеска поднесува кривични пријави против претседателот на Собранието, Талат Џафери, Неџбели Ибраими во својство на техничка служба и директорот на Службениот весник, Мартин Костовски, поради сомнение за злоупотреба на службената положба при носењето на Законот за јазиците.
Од владејачката пратија истакнуваат дека антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена се обидува да шири поделби и омраза и да го поткопува градењето на едно општество за сите.
„Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ не успееја да ја блокираат интеграцијата во ЕУ и НАТО, а нема ни преку неосновани кривични пријави да успеат да го блокираат градењето на едно општество – концепт кој доби огромна поддршка од мнозинството граѓани. Законот за употреба на јазиците ја регулира употребата на албанскиот јазик кој во Македонија е втор официјален јазик уште со амандманите на Уставот од 2001 година и истиот не влијае на употребата и заштитата на македонскиот јазик“, се наведува во партиската реакција.
Од СДСМ додаваат дека македонскиот јазик е заштитен и обезбеден засекогаш, тој е прв официјален јазик во Македонија, а сега и меѓународно признат и ќе се употребува во најголемите западни сојузи како што се ЕУ и НАТО.
„Објавувањето на Законот во ‘Службен весник на РМ’ со потпис на претседателот на Собранието е единствено поради безобразното прекршување на Уставот од страна на Ѓорѓе Иванов, кој е должен да го потпише Указот за прогласување на законот доколку е донесен по вторпат со потребното мнозинство во Собранието“, стои во соопштението.
Како што велат од СДСМ, граѓаните нема да дозволат нов Груевски или Иванов, кој ќе ги врати назад во темното минато и ќе ги поразат деструктивните црни политки на Мицкоски на какви било избори, кога и да се одржат.