Американската тинејџерка Аманда Анисимова продолжи со сензационалните партии на Австралија опен. 17-годишната Анисимова ја победи 11-тата носителка Арина Сабаленка од Белорусија и избори пласман во осмина-финалето.
Анисимова со максимален резултат 6/3, 6/2 ја победи три години постарата Сабаленка. Во наредната рунда таа ќе игра против Петра Квитова или Белинда Бенчиќ.
Анисимова е 87. на ВТА листата, таа во првото коло ја победи Романката Моника Николеску, а во втората рунда ја елиминира 24.носителка Лесија Цуренко од Украина.
Тинејџерката досега нема загубено сет во Мелбурн, а овој податок добива на тежина ако се знае дека таа дебитира на Австралија опен.
Анисимова е најмладата Американка уште од 1998 година и Серена Вилијамс на Ролан Гарос, која успеала да стигне до осмина-финалето на еден од најголемите четири турнири.