Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска присуствуваше на Глобалниот форум за храна и земјоделство (GFFA), што се одржува во рамки на Саемот за земјоделство и храна „Зелена недела ” во Берлин, Сојузна Република Германија.
Оваа година темата на форумот е „Земјоделството се дигитализира – Паметни решенија за идното земјоделство”. На денешниот состанок на оваа тема на меѓународните министри за земјоделство им се обрати германската канцеларка Ангела Меркел заедно со министерката за храна и земјоделство на Сојузна Република Германија Јулија Клокнер.
Пред министрите од 70 земји во светот Меркел зборуваше за значењето на дигитализацијата за иднината на земјоделството. Според неа, сите земјоделци се соочуваат со заеднички проблеми како што се климатските промени, трговската размена и пласманот на земјоделските производи, но со помош на дигитализацијата се олеснува нивната работа и се овозможува пристап до повеќе и попрецизни информации.
Според проценките на Обединетите нации до 2050 година треба да се произведува 70 отсто повеќе храна за потребите на светот.
Глобалниот форум за храна и земјоделство е меѓународна конференција која се фокусира на централните прашања за иднината на светската индустрија за храна и земјоделство. Ова е уникатна можност за претставниците од политиката, бизнис секторот, науката и граѓанското општество од целиот свет да споделуваат идеи и подобро да ги разберат темите од земјоделската политика.
Форумот се одржува во рамки на најголемиот светски саем за храна и земјоделство „Зелена недела” во Берлин, организиран од Министерството за храна и земјоделство на Сојузна Република Германија.