Според „Ер вижуал“, специјализираната интернет-страница за следење на квалитетот на воздухот, Скопје вечерва е на шестото место во светот според загаденоста. На оваа страница рангирањето се врши според збирните податоци од мерните станици поставени во светските градови кои се соочуваат со лош квалитет на воздухот.
Корисниците на апликацијата „Мој воздух“ може да забележат дека нивото на ПМ10-честички во возухот во Скопје вечерва е неколкукратно над дозволената граница.
Мерењата презентирани на оваа апликација особено високо ниво на загаденост покажаат во скопската населба Ѓорче Петров каде што околу 21 часот присуството на ПМ10-честички изнесуваше 705 mg/m3.
Слична е состојбата и во Карпош 2, каде во истиот период измерено присуство на ПМ10-честички од 698 mg/m3. Високо ниво на загаденост може да се забележи и кај мерењата на другите локации во главниот град. Присуството на ПМ10-честички во воздухот два дена по ред го надмина прагот од 100 микрограми на кубен метар.
Од Градот препорачуваат да се избегнува користењето на возила колку што е можно, а ако веќе се користат, повеќе лица да се организираат да се возат во едно возило; да се користи јавниот превоз; рано наутро и доцна навечер да се избегнува долготрајна изложеност на отворено; за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал; да се користи суво и чисто дрво, без примеси од земја и отпадоци; печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот; редовно да се чистат оџаците; да се одложат сите активности на отворено и да се почитува забраната за дотур на стока во централното градско подрачје во согласност со издадените одобренија од градските власти.