Поранешниот албански претседател Бујар Нишани по седум години се врати во политиката.
Тој од денеска е претседател на Националниот совет на најголемата опозициска Демократска партија, чиј член беше до пред изборот за претседател на државата во 2012 година.
Педесет и три годишниот Нишани беше избран по предлог на партискиот лидер Љуљзим Баша, а партиски потпретседатели и понатаму остануваат Еди Палока и Едмон Спахо.
Обраќајќи се пред членовите на Нацоналниот совет, Баша посочи дека обврска на опозицијата е да се врати вербата кај Албанците дека „Албанија може да стане нормална земја”.
– Предизвиците кои се пред нас се многубројни, големи и историски. Но се почнува и има успех само со трансформација на политиката, нејзино осовременување и европеизација. Промената на политиката денеска е национална мисија: не може да има ниту доцнење,ниту одложување, истакна Баша.
Тој го обвини премиерот Еди Рама за уништување на иднината на Албанија и нејзините граѓани, кои во „недостиг на надеж масовно ја напуштаат земјата”.