Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска имаше средба со градоначалникот на хрватската општина Нова Градишка, Винко Гргиќ.
На средбата се разговараше за актуелните случувања во општините, но и облиците за подлабока соработка меѓу локалните самоуправи.
На оваа средба претходи и склучувањето на трилатералниот меморандум за соработка меу Општина Карпош – Крушево – Нова Градишка.
Имено, општините се обврзаа на поголема соработка во областа на образованието, културата, туризмот и спортот.
Градоначалникот Богоев се осврна на повеќе аспекти од работењето на локалната власт. Тој ги запозна присутните и со политичкиот систем во Република Македонија, начинот на кој се избираат носителите на јавна функција, но и со актуелните проблеми во Карпош и главниот град Скопје: јавната хигиена, загадениот воздух и урбанистичкото планирање.
Градоначалникот Гргиќ напомена дека Хрватска го решила прашањето со отпадот на многу ефикасен начин. Сите граѓани кои го селектираат отпадот добиваат повратни средства од државата и ова на буквален начин ја „исчисти“ нашата држава, рече Гргиќ.
Исто така, се зборуваше и за клучните проекти во Карпош, како што е изведбата на новиот парк кој во најголем дел ќе се гради со неповратни средства од Европската Унија. Европските фондови помогнале многу и на Нова Градишка, во нејзиниот развој и подобрување на квалитетот на живот.
Секако, дека една од главните причини за оваа посета е и Меморијалниот турнир во мал фудбал во чест на нашата музичка легенда Тоше Проески, кој се одржува овој викенд, во Карпош, а главен покровител е токму локалната самоуправа.
Имено, Нова Градишка е општината каде што Тоше трагично го загуби својот живот., а токму Карпош е последното негово место на живеење.
Денеска сме сведоци дека Тоше сеуште поврзува различни култури и држави.
На средбата присуствуваше и претседателот на Совет на Општина Карпош, Андреј Манолев, како и Борислав Видошиќ, заменик градоначалник на Нова Градишка, Влатко Греинер – советник во Градскиот совет во Нова Градишка, Далибор Марковиќ – претседател на Економскиот совет во Нова Градишка.