Во гратчето Сучурај на хрватскиот остров Хвар веќе половина година има отворен оглас за лекар за општа медицина. Покрај платата и стан, општината нуди и бонус од 50 000 куни или околу 6 700 евра годишно. Од Хрватска никој не се јавил на огласот. Единствена заинтересирана за работата била докторка од Македонија, објави ХРТ.
Амбулантата во Сучурај е празна. Нема пациенти, нема ни лекари. Има само една медицинска сестра со стаж од 37 години.
„До денеска никој се нема пријавено на огласот. Имаме најава дека би можело да ни дојде докторка од Македонија, се чека да се средат документите. Значи никој од Хрватска не сака во Сучурај“, рекол градоначалникот на општината Иван Славиќ.
Три пати неделно во гратчето на два-три часа на помош доаѓаат доктори од гратчето Јелса кое е оддалечено 53 километри, а патот до таму е лош, објавува ХРТ.