Силна експлозија одекна во јужниот дел на главниот град на Сирија, Дамаск, соопшти сириската невладина Опсерваторија за човекови права.
Организацијата со седиште во Лондон наведе дека има и загинати и повредени лица, но оти засега нема повеќе детали.
Според директорот на Опсерваторијата, Рами Абдел Рахман експлозијата се случила во близина на Канцеларијата на воената разузнавачка служба. Тој додаде дека по експлозијата се слушнале истрели.
Сириските државни медиуми објавија дека експлозијата е предизвикана од бомбашки напад врз контролен пункт на главен пат во Дамаск.
Сириската државна телевизија не објави детали за експлозијата, но наведе дека таа се случила во јужниот кварт Казаз, во близина на автопатот кој води кон централен Дамаск и оти најверојатнос е работи за „терористички чин”.
Сириската новинска агенција САНА јави дека мета на експлозијата бил воен контролен пункт во таа област.
Според САНА затворени се патиштата во близина на инцидентот, како и дека сириските безбедносни сили спречиле втор напад во истата област.
Нападите во Дамаск се ретки откако минатата година сириските владини сили ги зазедоа и последните квартови и предградија, кои беа под контрола на бунтовниците.
Сирискиот претседател Башар ал Асад има контрола над две третини од земјата, благодарение на воената поддршка од сојузниците – Русија, Иран и либанскиот Хезболах.
Сириските власти во мај 2018 година соопштија дека целосно го контролираат Дамск и опкружувањето, првпат од 2012 година.
Војната во Сирија почна во 2011 година.