Истражување: Вистинската причина зошто остануваме во несреќни врски
Според најново истражување, причината поради која остануваме во несреќни врски не е стравот од осаменост.
Ако вашата врска полека избледува и се чувствувате несреќно, мора да признаете дека не е лесно да се збогувате со партнерот или партнерката. Психолози од Универзитетот во Јута одлучија да го истражат проблемот. Резултатите покажале дека останувањето во несреќни врски не произлегуваат од стравот од осаменост туку од фактот дека во суштина луѓето се алтруисти.
Што се случува? Си замислуваме дека не можеме да напуштиме одредена личност затоа што таа зависи од нас и не може без таа врска. Истражувањето докажува дека колку повеќе другата половина е зависна од нас, толку потешко се одлучуваме да го прекинеме односот. Остануваме во врска затоа што се грижиме за чувствата на другата личност.
Во истражувањето учествувале 1 348 луѓе кои биле во романтична врска најмалку 10 недели и 500 кои размислувале за раскинување по најмалку два месеца.
„Ако испитаниците сметале дека другата половина е цврсто определена за тој однос, тогаш ретко се одлучувале за раскинување, иако тоа не бил идеален однос“, вели Саманта Џоел, психолог од Универзитетот во Јута.
„Ние едноставно не сакаме да ги повредиме нашите партнери и навистина се грижиме за потребите на другите“, додава таа.
Но, постоеле сомнежи околу јасното читање на сигналите – некогаш погрешно сметаме дека партнерот или партнерката е зависна од нас. Исто така поминуваме многу време анализирајќи колку ќе биде болно раскинувањето. Се чини и дека раскинувањето е признавање на неуспех и ние едноставно создаваме магичен круг.