Шестгодишно момче е хоспитализирано по напад од динго – диво куче во Австралија. Момчето било на кампување со неговото семејство на островот Фрејзер, на источниот брег на Квинсленд. Семејството било на пливање, по што момчето кога излегло од водата почнало да трча кон песочните дини. Но наишло на четири диви кучиња, од кои едното го гризнало за нога.
Болничарите го нашле момчето со повеќе рани на нозете, по што е пренесено во блиската болница на лекување, каде што е во стабилна состојба.
По нападот, туристите и камперите се предупредуваат да не се приближуваат премногу до дивите кучиња. Министерот за труд, Марк Бејли, рече дека ќе започне истрага за инцидентот.
Динго е заштитен вид во националните паркови на Квинсленд и обично е срамежлив и плашлив со луѓето. Сепак, експертите за животни велат дека постојаниот контакт со кампери и туристи – многумина од нив иако не е дозволено ги хранат кучињата – го смениле однесувањето на овие диви животни, кои станале поагресивни кон посетителите.
Во 2001 година, Квинсленд наредил да се изолираат кучињата на островот откако едно деветгодишно момче беше убиено во напад со динго.
Најкрвавиот напад на динго во Австралија се случи во 1980 година, кога се сметало дека двомесечната ќерка на Линди и Мајкл Чембрлен била одвлечена од диво куче од камп во централниот дел на Австралија. Мајката беше обвинета и затворена за убиство на бебето, но подоцна беше прогласена за невина. Во 2012 година судот пресуди дека диво куче – динго ја предизвикало смртта на бебето пред повеќе од 30 години