Германската федерална служба за воздушен сообраќај во Брауншвајг забрани иранската авиокомпанија „Махан Ер” (Mahan Air) да сообраќа во Германија.
– Махан Ер мора да ги запре сите летови кон и од Германија до понатамошно известување, се вели во соопштението. Како што е објавено, причината за укинувањето на дозволата за летање е „да се зачуваат надворешната политика и безбедносните интереси на Германија”.
Германските медиуми претходно објавија дека на Махан Ер му е забрането да сообраќа во земјата, затоа што е осомничен дека со нив редовно летаат припадници на иранските револуционерни сили и транспортираат ирански војници и оружје во Сирија.
Махан Ер, исто така, е под сомнение за користење на негови авиони и за терористички цели.
„Зидојче Цајтунг” и јавните сервиси НДР и ВДР, кои се повикуваат на извори во германската Влада, тврдат дека ова е специфичен потег насочен против една компанија, а не општи санкции против Иран.