Академик професор Катица Ќулавкова е добитник на првата награда на меѓународниот конкурс „Антево слово“ 2018/19 година кој се одржува во Сицилија, Италија.
По објавениот повик за испраќање на песна по слободен избор за учество на вториот меѓународен конкурс и доделување на наградата „Антево слово“, се пријавија повеќе од 100 поети од Македонија со своите дела.
Наградата „Антево слово“ е конституирана како дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“, која се одржува секоја година во градот Каникати на Сицилија, Италија, а воедно и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава. Претсавниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“ е создаден со цел да се прослават и овековечат преку „Возвишената поезија“ духот, душата, суштината и есенцијата на животот во Каникатската секуларна академија на Парнас. Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко.
Жирито во кое членуваат претставници од семејството на доаенот на македонската поезија Анте Поповски, како и еминентни претставници од книжевната/ литературната област во Македонија и организаторот на меѓународниот фестивал Анџело Ла Векија, односно: Томислав Османли, Геро Ла Векија, Митко Гогов, Александар Поповски и Жорж Поповски одлучија да ги номинираат сите триесетина автори, а со тоа и застапат сите оние кои беа претходно објавени на страната на Меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“.
Песната „ Eпистулa до Јулија, ќерката на Октавијан“ на проф. Катица Ќулавкова е компаративна поетска лирика која освен што нуди историографско патување, доловува емоционален авторски бран кој ги текстуализира и истражува основните битови прашања на постоењето. Таа умешно и со доза на нежност ги обмислува преку поетскиот глас исконските, суштински догледи, еманципирачки и со длабок вознес.
Вората награда ја доби Ѕвонко Танески, а третата ја делат Раниа Орфанакоу од Грција и Александра Велинова. Специјални награди за учество добија и Александар Наумоски, Наташа Сарџоска и Филип Фиданоски. Доделувањето на наградите, проследено со поетски читања во спомен собата на Анте Поповски во Македонија ќе се реализира во втората половина на февруари