По повод најавената ТВ-емисија „Инсајдер“ што ќе се емитува на 1 ТВ, на која се споменува името на Зоран Азманов, претседател на надзорниот одбор на „Настел“ ДООЕЛ, тој вели дека против сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, поднел кривична пријава за изнуда и за изнесување невистини.
Азманов на средбата со новинарите објасни дека во петокот, во 13 часот и 51 минута, Бојан Јовановски во телефонски разговор му побарал 50 000 евра или стан за да „немал никакви проблеми“. Азманов го пријавил случајот во полиција.
Азманов го побарал Ацо Кабранов, уредникот во 1 ТВ, но тој не знаел ништо за емисијата „Инсајдер“ и го пренасочил кај Бојан Јовановски. Кога му се јавил на Јовановски, тој му потврдил оти ги има сите документи од финансиската полиција и дека сè е од сигурни извори. Азманов смета дека Јовановски документите ги зел по нелегален пат, оти претходно, како што вели, никогаш не бил повикан во финансиска полиција за каква било истрага.
„Јас никогаш не сум бил повикан во финансиска полиција за каква било истрага, а ваму му даваат документи на Бојан Јовановски да ме рекетира. Финансиска полиција не смее да дава документи и доколку ги има треба мене да ме повика“, вели Азманов. Тој побара од институциите да испитаат кој е тој што на нелегален начин контактирал со Бојан Јовановски за да му ги даде документите. Никогаш не сум контактирал ниту еден судија, ниту обвинител, како што пишува во најавата за ‘Инсајдер’, а ако е така, би сакал да добијам име и презиме. Ниту познавам обвинители, ниту контактирам со судии, посебно не во врска со градежништвото“, вели Азманов.
Тој го повика Јовановски да се соочат во ТВ-дуел на која било телевизија. Азманов се извини за пораката што му ја испратил на Кабранов оти „ќе го реши по цена на живот“ и вели дека тоа го напишал во афект.
Сопственикот на 1 ТВ, Бојан Јовановски, во изјава за „Слободен печат“ ги отфрлил обвинувањата на Азманов дека му побарал рекет од 50 000 евра.
„Каков рекет, какви 50 000 евра, немојте тоа да го земате за сериозно. Со бизнисменот зборував двапати, тој бараше да се видиме, да се договориме, јас му реков дека нема простор“, изјавил Јовановски.
Емисијата „Инсајдер“ на 1 ТВ беше најавена минатата недела, таму меѓудругото се вели дека една од сториите ќе биде за градежната мафија, а во тој контекст се споменува и името на Азманов. Емисијата е најавена дека ќе се емитува дури по еден месец, а дотогаш се емитува само најавата.