Патници на американскиот авиопревозник „Јунајтед ерлајнс“, на лет од Њуарк, Њу Џерси за Хонг Конг, заглавиле во приземјен авион повеќе од 16 часа, на ледено студено време и со малку храна.
Како што пренесе Си-ен-ен, инцидентот започнал во неделата во 21:31 по локално време кога авионот кој полетал од аеродромот во Њуарк, Њу Џерси во 15:03, морал принудно да слета на аеродромот „Гус беј“ во канадската провинција Њуфаундленд поради итен медицински случај во леталото.
Но, откако пациентот бил однесен од аеродромот во болница, за останатите патници започнале вистинските проблеми. Имено, на авионот бил пријавен дефект на вратите за излез, поради што не можел повторно да полета.
Од друга страна, патниците не можеле да излезат од авионот бидејќи аеродромот „Гус беј“, кој се наоѓа во канадска воена база, навечер нема царински службеници кои може да ги процесираат патниците. Така, патниците останале заглавени во текот на ноќта.
Иако во авионот имало вклучено греење додека чекал на пистата, вратата не можела да се затвори, а надворешната температура паднала на -20 степени Целзиусови.
Еден од патниците во авионот, во живо на „Твитер“ почнал да известува за ситуацијата во која се наоѓаат, молејќи ја компанијата „Јунајтед ерлајнс“ за помош, предупредувајќи дека патниците се смрзнуваат, а храна снемува.
Персоналот на „Гус беј“, наутро на патниците им донел кафе и крофни, а „Јунајтед ерлајнс“ објави дека екипажот прави се што е можно за да им помогне на клиентите.
Конечно, по повеќе од 16 часа, на патниците им било дозволено да го напуштат авионот и се качиле во друг, но не за Хонг Конг, туку се вратиле назад во Њу Џерси, јави каналот Си-би-ес