Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, предводена од шефот на Делегацијата Бетиан Китев, а во чиј состав се и пратениците Шпреса Хадри и Африм Гаши, ќе учествуваат во Првиот дел од редовната зимска сесија на ПС на СЕ, што се одржува во Стразбур, Франција од 21 до 25 јануари.
На Сесијата ќе биде избран претседателот и потпретседателите на Собранието. Свое обраќање ќе има и претседателот на Финска. Исто така, финскиот министер за надворешни работи ќе го пренесе комуникето од Комитетот на министрите и генералниот секретар на ПС на СЕ ќе му се обрати на Собранието.
Во текот на работата, Собранието ќе одржи заедничка дебата за медиумите во јавна сопственост во контекст на дезинформирањето и пропагандата, како и за слободата на медиумите како услов за демократски избори. Ќе се дискутира и за интернет владеењето и човековите права.
Во текот на сесијата ПС на СЕ ќе ги надгради насоките за фер референдуми и ќе ја испита компатибилноста на Шеријатското право со Европската конвенција за човековите права. Покрај тоа, Собранието ќе оцени дали повлекувањето на националноста како мерка за борба против тероризмот е пристап кој е компатибилен со човековите права и ќе се дискутира за унапредувањето на правата на лицата коишто им припаѓаат на националните малцинства.
Втората заедничка дебата ќе се фокусира на дискриминацијата во пристапот до вработување и потребата за инклузивна работна сила.
Побарани се две итни дебати – една за „Отворената руска агресија против Украина: нарушување на мировниот процес и закана за европската безбедност“, а втората за „Влошената ситуација на опозициските политичари во Турција: што да се направи за да ги заштитат своите фундаментални права во земја членка на Советот на Европа?“.
По иницијатива на претседателот на ПС на СЕ – #NotInMyParliament, на кратка церемонија на пленарната седница на 21 јануари, членовите ќе се заложат да преземат акција во нивните национални парламенти за искоренување на сексизмот, вознемирувањето и насилството врз жените