Договорот за решавањето на 27-годишниот спор помеѓу Грција и Македонија, што неделава влезе во процедура за ратификација во грчкиот парламент, претставува достигнување за прослава на Западен Балкан, пишува британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
„Македонија беше заглавена во економска и геополитичка ситуција кога стана независна држава по распадот на Југославија во 1991 година“, наведува британскиот весник и додава дека Грците се сомневале во територијални претензии од македонска страна за делови на истоимениот северен грчки регион.
Поттикнати од честите јавни протести, пишува весникот, грчките политичари долго време ги блокираат скопските амбиции за членство во НАТО и ЕУ поради одбивањето на Македонците да го променат уставното име оставајќи два милиона граѓани со мали изгледи за економски просперитет и без гаранции за нивната безбедност.
„Македонскиот националистички лидер Никола Груевски за време на децениското владеење се обидуваше да изврши притисок врз Атина со производство на лажно древно македонско наследство за својата нација, преименување на аеродромот и подигнување споменици на Александар Велики и Филип Втори Македонски“, пишува „Фајненшл тајмс“.
Како што наведува весникот, ова експериментирање во изградба на нацијата дополнително предизвикало без кај Грците, но помогнало целата македонската јавност да го пренасочи вниманието од корупцијата и лошото владеење.
„На новоизбраниот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега, Алексис Ципрас, им припаѓаат заслугите за постигнатиот компромис. Грчкиот премиер ја презеде одговорноста и покрај широко распространетата грчка опозиција“, пишува британскиот весник.
Понатаму, во текстот се додава дека во јуни минатата година премиерите на двете земји го потпишале преспанскиот договор преименувајќи ја земјата во Република Северна Македонија признавајќи ги нејзиниот јазик и култура, а притоа укинувајќи ги сите иредентистички референци во историските учебници.
Како што објаснува „Фајненшл тајмс“, очигледно грчкиот премиер го има на своја страна потребниот број пратеници неопходни за ратификација на договорот.
„Ципрас дојде на власт во Грција како популист ветувајќи им на избирачите дека ќе ги уништи болните мерки за штедење на ЕУ и ММФ, кои потоа продолжи да ги спроведува. Неговата принципиелна поддршка кон договорот со Македонија би можела да го чини скапо на изборите што ќе бидат одржани напролет. Очигледно ни тој ни Заев не воспоставија широко мнозинство во јавната или политичката елита по ова прашање. Но, ова е вистинскиот избор за Грција, Балканот и за Европа“, се заклучува во текстот на „Фајненшл тајмс“.