Почина поранешниот агент на ЦИА Тони Мендез (78), кој беше инспирација за филмот „Арго“ на Бен Афлек кој во 2013 година освои Оскар. Тој боледувал од Паркинсова болест, објави Би-би-си.
Како експерт за тајни операции, Мендез во 1979 година помогнал да се осмисли планот според кој шестмина дипломати се маскирале во членови на канадска филмска екипа за да избегаат од Иран среде заложничка криза.
Бен Афлек, кој го режираше филмот, го нарече Мендез вистински американски херој.
Тој беше човек со извонредна благородност, пристојност и љубезност. Никогаш не побара внимание за неговите постапки, туку само сакаше да ѝ служи на земјата“, напиша Афлек.
Порнанешниот директор на ЦИА, Мајкл Морел, напиша на „Твитер“ дека Мендез бил еден од најдобрите агенти што некогаш работеле во ЦИА.
Филмот „Арго“ ја прикажува ризичната тајна операција за спасување на шестмина Американци, која се одвивала зад сцената за време на иранската заложничка криза, а која со децении останала непозната за јавнота. Лажно претставувајќи се како холивудски продуцент кој бара локација за снимање на научно-фантастичен филм, тајниот агент на ЦИА, Тони Мендез, ја почнува опасната операција за спасување на шестмината Американци, кои се скриени во домот на канадскиот амбасадор во Техеран.
Американските дипломати биле маскирани како филмска канадска екипа. Со помош на Канада, групата успеала да ги помине иранските безбедносни мерки на аеродромот и од Техеран да полета за Цирих.