Судечкиот совет одлучи да ги прифати како доказ видео- снимките од безбедносните камери на булеварот Александар Македонски во процесот против Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиството на Никола Саздовски.
Адвокатот на оштетените, Ванчо Шехтански во прилог ја достави наредбата издадена од ЈО Скопје ЦД Безбеден град, на што реагираа адвокатите на обвинетите до денеска не им ја доставил наредбата како доказ.
Бранителот на второбвинетиот Беља, кој побара Судот да не ја прифати снимката како доказ сега, туку во дополнителни докази во натамошната постапка, бидејќи тоа можел да го направи порано и оти таква можност имал седум пати досега. Со него се согласи и адвокатот Насер Рауфи.
Сепак, Судечкиот совет одлучи да ја прифати како доказ оригиналната наредба за обезбедување записи од видео камера од ЦД Безбеден град, бидејќи не претставува пречка и оти Јавното обвинителство доставило и доказ дека снимката навремено била доставена до одбраната.
На барање на Шехтански се изведува како доказ психијатриски наод и мнение за претрпена нематеријална штета за претрпена болка заради загуба на блиско лице за родителите и братот и сестрата на Саздовски.
Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид” на булеварот „Александар Македонски” во Автокоманда.
Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза”.
Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје” во Шутка, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.
(Д.В.)