Еднаш месечно одам во Галичник за да си го продолжам животот. Вака го започнува разговорот пензионерот од Скопје, Аце Неделковски со 24 Инфо, кој од загаденото Скопје спас бара во магичниот Галичник. Со Неделковски исконтактиравме откако на неговиот профил на Фејсбук ги видовме преубавите фотографии од Галичник, кој и во зима опива со својата убавина. Иако во овој период од годината патот е непрооден, а Галичник е отсечен од светот, Неделковски заедно со својот пријател Василчо Нетковски од Скопје пеш стасале до селото.
-Во Галичник дојдовме на 16 јануари, откако веќе беше паднат големиот снег. Бидејќи патот за Галичник од кај Маврово е затворен, во зима најчесто одиме од кај селото Јанче. По пат застануваме во манастирот Свети Јован Бигорски, а потоа продлжуваме кон Јанче. Поради големиот снег и патот од кај селото Јанче е непрооден го оставивме автомобилот во селото Јанче. Потоа јас и мојот пријател, пеш и со ранците на грб тргнавме кон Галичник, ни раскажува Неделковски.
Нашиот соговорник, чија сопруга е родум од Галичник, вели дека кога нема снег од Јанче до Галичник се стасува за 2,5 до 3 часа, а кога се пешачи по снег потребни се околу 6 часа.
– Некни ние стасавме за 6,5 часа. Во Јанче имаше околу 10 сантиметри снег, но како се искачувавме нагоре така снегот беше се подлабок. На последниот километар до Галичник имаше метар ипол снег. И тој последен километар го одевме час и половина. Важно беше дека стасавме здрави и живи во куќата, го заложивме ќумбето и се одморивме, вели Неделковсски.
Неделковски, кој е галички зет, вели дека овој пат во Галичник ќе осатанат три до четири недели, а најповеќе за да избегаат од загадувањето во Скопје. За храна вели дека се обезбедиле уште во септември, а леб сами си прават. Додава дека секое утро околу 7 часот излегуваат од дома и пешачат по неколку часа.
-Секојдневно пешачиме по неколку часа, важно ни е да го разгазиме снегот. Секој ден ги посетуваме Павле и Борка Лукановски кои се единстевните жители кои преку цела година се во селото.
„Ако Македонија е библиска земја, тогаш Галичник е нејзината последна реликвија“, ќе рече Петре М. Андреевски.
(Д.В.)
ФОТОГРАФИИ: Аце Неделковски