Македонија направи историски исчекор напред, а веруваме дека ЕУ од своја страна ќе ја даде соодветната поддршка. Немаме дилеми дека стабилна, успешна, европска Македонија, а верувам во најскоро време и Република Северна Македонија е неопходен фактор за стабилност и успех на нашиот регион. Ова денеска го истакна претседателот на Собранието на Црна Гора Иван Брајовиќ во обраќањето пред пратениците во македонскиот Парламент.
Тој ја изнесе и својата лична желба, Собранието на Црна Гора што поскоро да ја добие приликата меѓу првите да го ратификува Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.
– Црна Гора стои на располагање со своето искуство на поминат евроатлантски и европски интеграциски пат. Да ви даде поддршка и да го пренесе знаењето доколку се разбира вие тоа го сакате. Голема улога во тоа има парламенатраната дипломатија, рече Брајовиќ, додавајќи дека Црна Гора е сигурен партнер на Македонија.
Брајовиќ ги честиташе, како што рече, историските одлуки што неодамна ги усвои Собранието, со што и ги отвори на земјата вратите на евроатлатското семејство и се овозможи продолжување на европскиот пат.
– Дадовте силен придонес за стабилноста на нашиот регион и промоција на вистинските вредности. Со вашиот пример уште еднаш потврдивте дека земјите на Западениот Балкан и најтешките проблеми можат да ги решаваат со дипломатските средства, на мирен начин, рече Брајовиќ, додавајќи дека Македонија и Црна Гора имаат традиционално пријателски односи и одлична билатерална соработка. Потсети на првата официјална билатерална посета на Џафери на Црна Гора во 2017 година.
Тој изрази уверување дека неговата посета ќе даде силен импулс за јакнење на парламентарната соработка на сите нивоа и стимулативно ќе делува на натамошниот развој на пријателските односи и соработката, особено на економскиот план.
Црна Гора за 12 години од обновувањето на својата државност, како што рече, направи многу на планот на усвојување на демократските стандарди, јакнење на демократијата и владеење на правото. Посочи дека паралелно работеле на воспоставување макроекономска стабилност и унапредување на животниот стандард на нивните граѓани. Се соочувавме со многу предизвици кои, како што рече, понекогаш бараа и непопуларни, но неопходни политички одлуки кои беа важни за трасирање на нашиот евроатлантски и европски пат.
– Водевме доследна надворешна политика во чија основа се добрососедските односи и посветеноста на регионалната соработка. Со исполнување на побаруваните критериуми во 2017 година остваривме клучен надворешно-политички приоритет, станавме членка на Северноатлантскиот сојуз. Не радува можноста токму Македонија да ја дочекаме со раширени раце како следна, 30-та членка на НАТО, рече Брајовиќ. Додаде дека сите нивни капацитети сега се насочени кон успешно завршување на процесот на преговорите со ЕУ. Според него, во многу сегменти Црна Гора веќе живее и се однесува како нејзин дел.
Брајовиќ, кој е во посета на Македонија, претходно се сретна со неговиот македонски колега Талат Џафери и се потпиша во Книгата на впечатоци.
Тој попладнево ќе се сретне и со претседателка на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Црна Гора Средба со Лилјана Кузмановска и членовите.