Брајовиќ: Црна Гора меѓу првите ќе го ратификува протоколот за пристапување на Македонија во НАТО

Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

Двајцата соговорници разменија мислења за сeвкупните односи меѓу Црна Гора и Република Македонија и се сложија за потребата одличните пријателски односи да добијат и интензивна економска димензија.

Министерот Димитров се заблагодари на конзистентната поддршка која Република Македонија ја добива од Црна Гора.

„Се радуваме што ќе ѝ се придружиме на Црна Гора во НАТО и во процесот на преговори за членство во ЕУ“, истакна Димитров.

Претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, ја реафирмираше силната поддршка од страна на Црна Гора со цел полноправно членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО, упатувајќи охрабрувачки пораки за скоро финализирање на отпочнатите процеси.

Тој изрази уверување дека Црна Гора ќе биде меѓу првите земји чие Собрание ќе го ратификува протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО.

Треба да знаете
Последни објави