Делегација од Република Македонија, предводена од Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, од денеска до петок учествува на Презентацијата на Третиот извештај за Република Македонија по Универзалниот периодичен преглед на Советот за човекови права на Обединетите Нации што се оддржува во Женева, Швајцарија, соопштуваат од Министерството.
Оттаму објаснуваат дека Универзалниот периодичен извештај претставува механизам за преглед на исполнување на обврските и преземањата во областа на човековите права на секоја земја членка на Обединетите нации. Процедурата предвидува преку интерактивен дијалог да се разгледуваат поднесените извештаи пред Советот за човекови права.
– Со оглед на фактот дека Универзалниот периодичен преглед претставува еден од најефикасните механизми на ОН за следење на состојбата со човековите права во земјите, се очекува на состанокот да биде констатиран постигнатиот напредок, како и да бидат идентификувани областите во кои е потребен дополнителен ангажман за подобрување на состојбите, се вели во соопштението.
Во делегацијата што ја предводи ЗМНР Жерновски, од МНР информираат дека се вклучени претставници од Владата на Република Македонија, експертски тимови од областа на човековите права од ресорните министерства и претставници од релевантни агенции и други институции.