Реакција на Град Скопје: Хотелот не е дел од договорот, „Лимак“ ќе ја изгради подземната сообраќајница

Град Скопје не одговри на барањето од „Макфакс“ за увид во договорот со „Лимак“, но по објавата на текстот со наслов „‘Лимак’ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница“ испрати реакција во која се вели дека изградбата на хотелот не е дел од договорот меѓу „Лимак“ и Град Скопје, поточно истиот воопшто не е поврзан со изградбата на подземната сообраќајница.

„Дозвола за изградба на овој објект е издадена уште во 2008 година и истата парцела нема никаква допирна точка со договорот меѓу ‘Лимак’ и Град Скопје потпишан во 12.03.2012 година и изградбата на подземната сообраќајница“, стои во реакцијата.

Во неа се додадава дека иако никаде во договорот не е наведено дека треба да се изгради прво подземната сообраќајница, а потоа другите комерцијални објекти, согласно со сите технички стандарди тоа е најлогичниот пристап.

„Градежните работи за подземната сообраќајница се во тек, се одвиваат со предвидената динамика и во моментов можеме да потврдиме дека ‘Лимак’ ги почитува сите одредби од договорот“, велат од Град Скопје и потсетуваат дека со овој договор е предвидено компанијата „Лимак“ да изгради подземна сообраќајница, а за возврат ќе може да гради комерцијални објекти на дел од површината.

Градските власти појаснуваат дека со изградбата на овој објект во ниту еден момент не се прекршуваат одредбите на договорот ниту пак се менува фактот дека Скопје ќе добие модерен и современ подземен булевар кој целосно ќе го измени начинот на функционирањето на сообраќајот во овој дел од градот.

Треба да знаете
Последни објави